eSIM, односно „embedded SIM“, е едно од клучните достигнувања во технолошкиот развој на телефоните и другите мобилни уреди, кое суштински го менува начинот на кој се поврзуваме со мобилните мрежи. Додека традиционалната SIM-картичка во различни големини мора физички да се постави во уредот, eSIM е чип вграден во самиот телефон кој ги чува претплатничките податоци дигитално, а кога операторот ќе испрати дигитален профил, уредот веднаш се поврзува на мрежата.

Голема предност на eSIM е тоа што корисникот може на еден уред да чува повеќе различни мобилни претплати и лесно да преминува меѓу нив без да менува физичка картичка. Во Македонија сите оператори ја поддржуваат eSIM технологијата, па корисниците на A1, Македонски Телеком и MTEL можат да ја побараат без разлика дали се приватни или бизнис корисници, како и без разлика дали користат постпејд или припејд пакет. За замена на физичка SIM со eSIM помагаат операторските служби за корисници,a постапката во продавниците е едноставна, eSIM профилите обично може да се управуваат и преку мобилните апликации на операторите.
Иако во Европа iPhone Air е првиот Apple телефон кој функционира исклучиво со eSIM, технологијата одамна е присутна кај iPhone уредите – уште iPhone XR/XS и втората генерација на iPhone SE ја поддржуваа, што важи и за сите понови модели. Дополнително, уредите можат истовремено да бидат активни на две мрежи, што се нарекува Dual SIM Dual Standby технологија: така може да се примаат повици и пораки на двата броја, само треба да се одреди кој е основниот број и кој ќе се користи за мобилни податоци. Кај моделите кои прифаќаат и физичка SIM картичка, ова може да се направи со комбинација од една физичка SIM и една eSIM, а кај iPhone 13 и третата генерација на iPhone SE можно е истовремено да бидат активни две eSIM-картички – функција која, секако, е достапна и на iPhone Air.

Ново eSIM може да се додаде на iPhone во Settings > Mobile Data (Поставки > Мобилни податоци) со избор на опцијата „Add eSIM“. Конфигурирањето може да се изврши со скенирање на QR-код добиен од операторот, со пренос од близок iPhone или Android уред, како и преку различни апликации. Постојат и услуги кои нудат eSIM пакети специјално за патувања, како популарниот Revolut – нивната предност е што за време на одмор не мора да чекате ред за SIM-картичка на аеродром, доволно е преку апликацијата да се купи одреден пакет и тој веднаш се активира на уредот.
Преминот на eSIM носи многу придобивки, особено кај поновите модели кои можат истовремено да користат две eSIM-картички. Конфигурирањето и понатамошното управување е брзо и интуитивно, па нема потреба од грижа.