Apple Watch не е само паметен часовник, туку личен асистент, следач на здравјето и мотивациски партнер во еден единствен уред кој е со тебе во секој момент од денот. Без разлика дали користиш Apple Watch за првпат или го заменуваш стариот модел, ти подготвивме список со најважните совети за да го поставиш, персонализираш и максимално искористиш неговите можности.

1: Поврзи го со твојот iPhone и постави ги известувањата
Apple Watch работи исклучиво со iPhone — не може да се користи со Android, iPad или Mac. GPS моделот воопшто не може да работи самостојно, а и GPS + Cellular верзијата бара iPhone за подесување и за најголем дел од функциите.
Поврзувањето е многу едноставно: прво наполни го часовникот, стави го на рака и, ако е исклучен, вклучи го со долго притискање на страничното копче. Приближи го до iPhone и ќе се појави анимација за спарување — од таму процесот е автоматизиран. Ако анимацијата не се појави, провери дали Wi-Fi и Bluetooth се вклучени на iPhone.
По спарувањето, апликацијата Watch на iPhone станува центарот за управување: овде можеш целосно да го прилагодиш часовникот, да ги конфигурираш известувањата и да создаваш сопствени бројчаници. Голем дел од поставките се достапни и директно на часовникот, но за прво подесување iPhone е многу поудобен.
Особено важна е ставката „Известувања“. Тука можеш да го активираш показателот за непрочитани известувања (црвена точка на екранот), да поставиш резиме на заклучен екран и да контролираш како секоја апликација испраќа известувања. Можеш да ги „огледаш“ поставките од iPhone, но можеш и поединечно да ги прилагодиш, на пример да добиваш известувања за секој нов мејл на телефонот, но само за одредени сандачиња на часовникот. Во „Екран и осветленост“ се наоѓа и функцијата Always-On Display, која кај поддржаните модели постојано го прикажува времето — сите нови Apple Watch уреди ја поддржуваат.
2: Направи ги бројчаниците свои
Една од најубавите работи кај Apple Watch е прилагодувањето. Во Watch апликацијата, одбери „Галерија на бројчаници“ и почни да истражуваш: има спортски, здравствени, минималистички, богати со информации, дигитални или аналогни бројчаници.

Персонализацијата започнува со избор на бои и фонтови, а потоа со додавање компликации — малечки модули кои прикажуваат информации или даваат брз пристап до функции, како температура, UV индекс, активност прстени, календар и многу друго. Некои бројчаници поддржуваат и до 8 компликации.
Совет: На часовникот, долго држи го екранот за да влезеш во уредување на бројчаниците, лизгај меѓу нив и слободно прилагоди ги како што сакаш.
3: Остани поврзан каде и да си
Со моделите GPS + Cellular можеш да останеш достапен дури и кога iPhone не е во близина — секако, ако имаш мобилен пакет за часовникот. Во моментов оваа опција сеуште не е достапна во Македонија, но се работи на истата.
Ова е особено корисно при трчање, планинарење или тренинг кога не сакаш да го носиш телефонот. Може да остваруваш повици, да праќаш пораки, да слушаш стриминг музика или да следиш рути во Apple Maps директно од часовникот. Мобилната врска дава поголема слобода — секогаш си достапен, но без да носиш дополнителна тежина.
4: Откриј го светот на здравјето и фитнесот
Apple Watch е создаден за мотивација и грижа за здравјето. Активност прстените (движење, вежбање, стоење) визуелно покажуваат колку си бил активен. Верувај — исполнувањето на сите три е навистина мотивирачко чувство!
Можеш да поставиш персонализирани цели, како и денови за одмор за да не се прекине твојата серија активности.

Здравствените функции се извонредни: часовникот го мери пулсот и предупредува при премногу висок или низок, како и при неправилен срцев ритам. Мерењето кислород во крвта дава подобар увид во твојата кондиција, особено при тренинг. Апликацијата „Вежби“ поддржува десетици активности — од трчање до јога и пливање — со реални статистики и пулс-зони за подобра контрола. Сите резултати автоматски се синхронизираат со Health апликацијата, каде можеш да ја следиш долгорочната состојба.
Apple Watch се грижи и за менталното здравје: дневник за расположение, вежби за смиреност и медитација — сето тоа е достапно во Health.
5: Подолг век на батеријата со неколку трикови
Иако Apple Watch и така е ефикасен, можеш уште повеќе да ја продолжиш батеријата:
-
Активирај Low Power Mode за долги денови.
-
Ограничувај ги позадинските освежувања.
-
Намали ја осветленоста во затворени простории.
-
Исклучи Always-On Display ако не ти е потребно.
+1: Автоматско менување бројчаници со Focus модови
Малкумина знаат дека Apple Watch може автоматски да го менува бројчаникот во зависност од активниот Focus Mode на iPhone. За работа можеш да имаш чист и информативен бројчаник, за тренинг — спортски и енергичен. За подесување:
iPhone → Подесувања → Focus → одбери мод → „Прилагодување на екрани“ → Apple Watch → одбери бројчаник.

Заклучок
Кога ќе ги совладаш основите, вреди да нурнеш уште подлабоко во светот на Apple Watch. Без разлика дали сакаш да го следиш срцевиот ритам, спиењето, да ги користиш безбедносните функции или да го подобриш тренингот — Apple Watch секогаш е тука да те поддржи, мотивира и помогне да ја постигнеш најдобрата верзија од себе.