Еквилајзер пристигнува на AirPods

Благодарение на новата функција, корисниците ќе можат да го прилагодуваат односот помеѓу басовите, средните и високите тонови според сопствениот вкус.  

Еквилајзер пристигнува на AirPods

Една од помалите, но многу интересни новини претставени на WWDC 2026 е тоа што Apple воведува нови аудио-поставки за AirPods слушалките. Со помош на прилагодлив еквилајзер, корисниците ќе можат да го персонализираат звукот според своите преференции. Во пракса, тоа значи дека ќе може одделно да се прилагодува рамнотежата помеѓу различните фреквентни опсези, односно басовите, средните и високите тонови. Доколку некој сака поизразен бас, ќе може да им даде поголема длабочина и динамика на своите песни, додека со нагласување на средните тонови ќе добие поистакнати вокали и појасен звук.

AirPods и досега нудеа повеќе паметни аудио-функции, како што се Adaptive Audio, Personalized Spatial Audio и Conversation Awareness, но новиот прилагодлив еквилајзер ја подигнува персонализацијата на сосема ново ниво. Наместо претходниот, пофиксно дефиниран звучен потпис, корисниците сега ќе имаат значително поголема контрола врз тоа како звучат нивните AirPods. На прв поглед ова можеби изгледа како мала надградба, но за многумина токму ова ќе биде функцијата што ќе го доближи звукот на AirPods уште повеќе до нивните лични преференции.

Новата функција ќе стане достапна оваа есен со пристигнувањето на оперативните системи од серијата 27.

Назад кон блогот