John Ternus ќе стане извршен директор на Apple, Tim Cook продолжува во нова улога

Apple објави дека од септември 2026 година John Ternus ќе ја преземе улогата извршен директор, додека Tim Cook ќе продолжи како извршен претседател.

John Ternus ќе стане извршен директор на Apple, Tim Cook продолжува во нова улога

Apple објави дека Tim Cook во иднина ќе продолжи како извршен претседател на одборот (executive chairman), додека нов извршен директор (CEO) ќе стане John Ternus, досегашен потпретседател за хардверски инженеринг. Промената ќе стапи на сила на 1 септември 2026 година и е едногласно одобрена од одборот, како дел од долгорочно планиран процес на наследување. Cook ќе продолжи да ја води компанијата како CEO до летото, при што тесно ќе соработува со Ternus за непречена транзиција. Како извршен претседател, тој ќе остане активно вклучен во работењето на Apple, вклучувајќи односи со глобални носители на одлуки и регулатори.

„Најголема чест во мојот живот беше да бидам извршен директор на Apple и да водам ваква извонредна компанија.“ – изјави Tim Cook. „John Ternus има начин на размислување на инженер, визија на иноватор и срце на лидер кој води со интегритет и почит. Убеден сум дека тој е вистинската личност да го води Apple во иднината.“

John Ternus исто така ја истакна важноста на новата улога: „Исклучително сум благодарен за оваа можност. Речиси целата моја кариера ја поминав во Apple и беше огромна чест да работам со Steve Jobs и Tim Cook. Со нетрпение очекувам да ја продолжиме мисијата што ја дефинира компанијата со децении.“

John Ternus e noviot izvršen direktor na Apple

Паралелно со промената, се менува и составот на одборот: Arthur Levinson, кој изминатите 15 години беше не-извршен претседател, ќе продолжи како водечки независен директор, додека John Ternus ќе се приклучи на одборот. Levinson истакна дека лидерството на Tim Cook фундаментално ја трансформирало компанијата: „Под негово водство Apple стана една од најуспешните и највлијателни технолошки компании во светот. Исклучително сме благодарни за неговата работа и уверени сме дека John Ternus успешно ќе го продолжи тоа наследство.“

Tim Cook се приклучи на Apple во 1998 година и стана извршен директор во 2011 година. Под негово водство, пазарната вредност на Apple се зголеми повеќе од десеткратно, а беа претставени клучни производи како Apple Watch, AirPods и Apple Vision Pro. Воедно, сервисниот сегмент доживеа огромен раст и денес претставува бизнис вреден над 100 милијарди долари. Cook стои и зад воведувањето на Apple Silicon, што целосно ја трансформираше Mac платформата, носејќи голем напредок во перформансите и енергетската ефикасност. Под негово водство, Apple значително напредуваше и во областа на одржливоста, приватноста и пристапноста.

John Ternus се приклучи на Apple во 2001 година и со текот на времето стана еден од најважните технички лидери во компанијата. Тој одигра клучна улога во развојот на повеќе продуктни категории, вклучувајќи ги iPhone, Mac и Apple Watch, како и во лансирањето на производи како iPad и AirPods. Во последните години, развојот на Mac беше под негово водство, што придонесе за ново ниво на перформанси и популарност на платформата. Исто така, имаше важна улога и во развојот на новите генерации iPhone и унапредувањето на AirPods линијата.

Промената во раководството не претставува нагла промена на насоката, туку внимателно планиран премин. Целта на Apple е јасна: да се зачува стабилната основа што беше клуч за успехот во изминатите години, додека истовремено се обезбедуваат услови за идни иновации.

Назад кон блогот