На WWDC 2026, Apple зборуваше и за подобрувањата поврзани со безбедноста на децата и јасно стави до знаење дека целта останува иста: родителите да добијат едноставни, но ефикасни алатки со кои ќе можат да контролираат што гледаат децата, со кого комуницираат и кога можат да ги користат своите уреди.
Подобрувањата се темелат на два основни принципа. Од една страна, секое дете е различно, па затоа родителите се во најдобра позиција да одлучат што е најсоодветно за нивното семејство. Од друга страна, Apple ги развива функциите за детска безбедност врз основа на истражувања од експерти за здравје, детски развој и онлајн безбедност. Една од важните новини е тоа што и постојните Apple сметки ќе можат да се претворат во детски сметки, со што семејствата полесно ќе можат да ги применуваат безбедносните поставки наменети за деца. Дополнително, родителите ќе можат да вклучат и други доверливи возрасни лица, како на пример баби и дедовци, во системот за управување.
Се проширува и функцијата Ask to Buy: децата отсега нема да бараат дозвола само за преземање апликации, туку и за отворање веб-страници, а родителите ќе можат директно преку апликацијата Messages да го одобрат или одбијат барањето. Apple дополнително го унапредува и филтрирањето на чувствителни содржини. Системот и досега реагираше кога ќе препознаеше екплицитни фотографии, а отсега заштитата ќе се прошири и на препознавање насилни или шокантни содржини.

Управувањето со времето пред екран исто така ќе стане пофлексибилно. Поддршката за Time Allowance пристигнува и во категориите игри, забавни апликации и социјални мрежи, што ќе им овозможи на родителите да поставуваат ограничувања по категории или за вкупното време на користење. Дополнително, ќе можат да се поставуваат и временски распореди, со што полесно ќе се контролира кои апликации ќе бидат достапни во различни периоди од денот. На пример, за време на училишните часови може да бидат достапни само апликациите поврзани со учење.
Според Apple, и програмерите имаат важна улога во обезбедувањето содржини соодветни на возраста на децата, а компанијата смета дека секоја апликација има одговорност во оваа област. Како дел од новитетите, ќе биде лансирана и нова веб-страница која ќе ги обедини сите функции за детска безбедност на Apple и ќе понуди одговори на најчесто поставуваните прашања, вклучувајќи и совети како семејствата да започнат со нивно користење.
Со овој пакет подобрувања, Apple дополнително ја зајакнува својата стратегија за создавање побезбедна дигитална средина за децата и поголема контрола за родителите. Новите функции ќе станат достапни со оперативните системи од серијата 27, кои ќе пристигнат оваа есен.