Пред стартот на сезоната 2026 во Formula 1, Apple подготви впечатливо и детално Apple Maps искуство за локацијата во Мелбурн. Првото ажурирање ја опфаќа токму патеката Albert Park, каде што ќе се одржи Australian Grand Prix, но компанијата најавува дека во текот на годината и другите тркачки патеки ќе добијат слично ниво на 3D деталност во Apple Maps.
Во апликацијата, фановите можат да разгледуваат детална мапа на патеката: означени се броевите на свиоците, рабниците (кербовите), трибините, пешачките мостови, како и тродимензионални модели на клучните објекти околу бокс-патеката. За посетителите на лице место, ова не е само визуелен додаток, туку и практична алатка за ориентација. На мапата се означени влезните точки и важните сервисни локации за гледачите. Така, покрај деталите како кербовите и свиоците, полесно може да се пронајдат влезните капии и услуги како тоалети, пунктови за вода за пиење, прва помош и продавници за сувенири.

Покрај патеката, со ажурирањето повеќе познати локации во Мелбурн исто така добија 3D приказ, што им овозможува на посетителите подобро да го истражат градот покрај тркачките атракции.
Во Maps се појави и нов водич со наслов “2026 Formula 1 Tracks Around the World”, уреден од Apple TV, кој нуди кратки информации за 24 патеки од календарот на шампионатот. Во наредните месеци постои реална можност и останатите патеки да добијат 3D приказ во Apple Maps. Дотогаш, претплатниците на Apple TV можат да ја задоволат својата страст кон „најбрзиот циркус“ со филмот F1 со Brad Pitt, кој неодамна ја освои и BAFTA наградата за најдобар звук.

