Apple објави дека од 28 јануари ќе направи достапен софтверски пакет кој вклучува креативни апликации со високи перформанси и овозможува дури и студиски квалитет на работа за секого.
Creator Studio, достапен преку App Store, функционира како месечна претплата и обезбедува креативни програми дизајнирани за професионална работа на Mac компјутери и iPad таблети, а подоцна и специјални додатоци за iPhone. Цената на месечната претплата е 12,99 американски долари, ќе биде достапен и едномесечен бесплатен пробен период, а универзитетските студенти и наставници ќе можат да пристапат до Creator Studio со значителен попуст, по цена од 2,99 долари месечно.
За уметници во подем, претприемачи, студенти и едукатори, пакетот претставува одлична можност со едноставен пристап да ги испробаат моќните и интуитивни алатки на Apple за видео монтажа, музичка продукција и креативна визуелизација во своите работни процеси. Дополнително, преку Apple ID и функцијата Семејно споделување, повеќе корисници ќе можат да пристапат до колекцијата апликации со една претплата.
Mac, iPad, а подоцна и iPhone во пакетот
На Mac компјутерите, со претплатата ќе станат достапни видео-едиторoт и алатката за монтажа Final Cut Pro, музичката апликација Logic Pro, уредувачот на фотографии Pixelmator Pro, алатката за видео-графика Motion, управувачот со работни процеси и кодирање медиумски датотеки Compressor, како и MainStage, наменет за настапи во живо.
Нови интелигентни функции во апликациите
Creator Studio вклучува и нови интелигентни функции и премиум содржини, како што се автоматското креирање монтажа и пребарување во транскрипти во Final Cut Pro. Последната функција, врз основа на текст внесен од корисникот, ги пронаоѓа и означува деловите во суровиот материјал каде што се појавува точен или поврзан израз, овозможувајќи за неколку секунди да се најде совршениот аудио-запис наместо долготрајно пребарување. Оваа функција засега ќе биде достапна само на англиски јазик.

Creator Studio ги опфаќа и апликациите Keynote, Pages и Numbers: корисниците со активна претплата ќе добијат ново мени наречено Content Hub, каде што ќе можат да избираат курирани, висококвалитетни фотографии, графики и илустрации за својата работа. Претплатниците ќе добијат и пристап до активни функции за креирање и уредување слики, како што се Super Resolution за зголемување на резолуцијата на слики вметнати во документи, Auto Crop со интелигентни предлози за сечење, како и генерирање слики преку Image Playground. Апликациите на англиски јазик ќе започнат да поддржуваат и автоматско креирање говорнички белешки од постоечки слајдови, како и генерирање формули врз основа на препознавање шаблони во табеларната апликација Numbers.
Иднината на веќе купените програми и бесплатниот iWork
Појавата на Creator Studio не значи дека апликациите вклучени во пакетот повеќе нема да бидат достапни за еднократна куповина или бесплатно. Бесплатниот пакет iWork, кој ги вклучува Keynote, Numbers и Pages, и понатаму ќе може да се презема од App Store на macOS, iPadOS и iOS уреди, без потреба од претплата. Само новите функции, главно оние базирани на вештачка интелигенција, ќе бидат условени со активна претплата.
Оние што претходно веќе купиле некоја од апликациите, како што се Final Cut Pro, Logic Pro или Motion, ќе можат и понатаму да ги користат без промени, а ажурирањата ќе пристигнуваат на вообичаен начин. Можноста за еднократна куповина останува, но со Creator Studio ќе биде овозможено и бесплатно тестирање пред евентуалната одлука за купување.