Apple ги претстави телефоните iPhone 17 Pro и iPhone 17 Pro Max, кои добија нов, многу уникатен и впечатлив дизајн, дополнет со нијанси како суптилна сребрена, длабоко сина и космичко портокалова.
Целосно нов изглед
iPhone 17 Pro останува со големина на екран од 6,3 инчи, додека iPhone 17 Pro Max има екран со дијагонала од 6,9 инчи. Единствената разлика помеѓу двата уреда е нивната големина – и двата доаѓаат со Super Retina XDR дисплеи кои поддржуваат ProMotion технологија, имаат повеќеслоен антирефлексен премаз и достигнуваат светлосна јачина до 3000 нити за подобра видливост на отворено. Екраните се заштитени со втора генерација на зацврстено стакло Ceramic Shield од Apple, кое е три пати поотпорно на гребнатини и четири пати поотпорно на кршење од претходните верзии. Како и кај претходните Pro модели, така и овде има 120 Hz Refresh Rate и Always-On Display.

Најголемата промена во дизајнот е воведувањето на unibody алуминиумска конструкција – рамка на која горниот дел од задната страна (каде што се камерите) се изработени од едно парче алуминиум. За да остане поддршката за MagSafe и безжичното полнење, дел од задниот капак и понатаму е изработен од стакло. Антенскиот систем ја користи речиси целата горна алуминиумска површина, што значи дека iPhone 17 Pro ќе понуди уште постабилна и побрза мобилна и интернет конекција од претходно.
Поиздржлив во секој поглед
Контролата на мрежните врски ја извршува N1 чипот дизајниран од Apple. Тој ги поддржува најсовремените стандарди, вклучувајќи Wi-Fi 7, Bluetooth 6 и Thread, што гарантира стабилна и брза конекција при симнување и испраќање податоци. За перформансите е задолжен A19 Pro процесорот – нов системски чип од Apple со шестјадрен CPU и шестјадрен GPU. Благодарение на алуминиумското куќиште, ладењето е значително подобрено – споредено со претходниот модел, новите уреди се ладат 40% поефикасно и подобро ја распределуваат топлината, што резултира со помало загревање.

Кај iPhone 17 Pro повеќе не постои опција со 128 GB меморија – основната конфигурација започнува од 256 GB, а достапни се и 512 GB, 1 TB и 2 TB (само за iPhone 17 Pro Max). Овој капацитет е неопходен, бидејќи сите три камери на двата модели имаат 48 MP резолуција.
Професионален систем на камери – редизајниран
На задната страна на iPhone 17 Pro има три камери од 48 MP: стандардна широка, ултраширока и нова телефото камера со тетрапризма леќа. Оваа леќа овозможува 4x оптички зум (еквивалент на 100 мм), но благодарение на големиот сензор и интелигентниот алгоритам за обработка, може да достигне и 8x оптички квалитет (200 мм еквивалент). Со дигитален зум се овозможува и до 40x зголемување. Поддржано е и макро фотографирање, а софтверот за камера во iOS 26 овозможува кадрирање во класични фокусни должини (како 28 мм, 35 мм) без загуба на квалитет. Предната камера е нова 18 MP Center Stage единица.

iPhone 17 Pro моделите поддржуваат ProRes RAW снимање во реално време, ја вклучуваат и втората генерација на Apple LOG, а на професионалните сниматели им е достапна функцијата genlock за синхронизација со надворешен видео-систем. Genlock овозможува iPhone 17 Pro или Pro Max да биде дел од снимачки систем со повеќе камери, каде што снимките се синхронизираат со надворешен референтен сигнал, без загуба на рамки при менување камери. Телефоните исто така поддржуваат Dolby Vision HDR формат со 4K резолуција и 120 fps видео.

iPhone 17 Pro и Pro Max поддржуваат надворешен SSD за директно снимање преку нивниот високобрзински USB приклучок. Преку истиот приклучок се овозможува и значително побрзо полнење – до 50% батерија за само 20 минути. Овие уреди нудат најдолг век на батеријата досега – до 37 часа видео репродукција со едно полнење.