Apple официјално го претстави iPhone 17 – новиот смартфон кој носи функции што досега беа ексклузивни за Pro моделите. Меѓу нив е и Super Retina XDR екран со ProMotion технологија. Новитет има и кај предната камера, а целиот уред е поиздржлив благодарение на втората генерација на заштитно стакло - Ceramic Shield.
Побрз, посветол, секогаш активен
Екранот е можеби најважната компонента на секој iPhone – тоа е она што го гледаме и користиме секој ден. iPhone 17 доаѓа со Super Retina XDR панел од 6.3 инчи и ултра-тенки рамки, кој поддржува ProMotion. Благодарение на тоа, екранот троши помалку енергија – кога е неактивен, работи на само 1 Hz, а при користење се зголемува на 120 Hz, што резултира со исклучително мазна слика и анимации.

Благодарение на новото заштитно стакло Ceramic Shield 2, iPhone 17 е не само поиздржлив на удари и гребнатини, туку и значително помалку одбива светлина, што го прави полесен за читање на отворено. Новиот панел има и посилна осветленост – до 3000 нити, што значително го подобрува искуството за оние кои го користат телефонот под отворено небо или на директна сончева светлина.
Подобри фотографии, подобро селфи
Целосно редизајнирана предна камера – повисока резолуција, поголема димензија и квадратен сензор. Новата 18 MP селфи камера користи функција Center Stage и машинско учење за да препознае кога се прави групна фотографија, а потоа автоматски го прилагодува аголот за никој да не остане отсечен од сликата. Благодарение на новата предна камера, корисниците ќе можат да снимаат 4K HDR видеа, а новитет е и функцијата Dual Capture, која овозможува истовремено снимање со предната и една од задните камери.

На задната страна на iPhone 17 се наоѓа главна камера од 48 MP, која поддржува 2x оптички зум. Ултрашироката камера исто така е целосно обновена, сега со 48 MP сензор, што ѝ овозможува да снима четири пати повеќе детали од претходно. Благодарение на одличниот автофокус, може да се фотографираат објекти и од неколку сантиметри растојание, со уште повеќе детали преку макро функцијата. За оние кои често снимаат видеа со iPhone, важно е што уредот сега може да снима и во Cinematic и во Action режим со 4K резолуција и 60 fps во Dolby Vision формат. iPhone 17 исто така поддржува снимање со просторен звук, а со функцијата Audio Mix може и подоцна да се уредува снименото аудио.
Ненадминливи перформанси, цел ден
iPhone 17 користи најнов 3-нанометарски Apple A19 системски процесор, кој нуди двојно подобри перформанси во споредба со iPhone 13. A19 е дизајниран така што може подолго да ја одржува својата максимална брзина, а вградениот графички процесор поддржува локално извршување на генеративни AI модели директно на телефонот. Новитет е и N1 чипот, исто така дизајниран од Apple, кој управува со Bluetooth, Wi-Fi и конекциите со паметни уреди во домот. Тој е одговорен и за клучни функции како Hotspot и AirDrop.

Според Apple, вградената батерија овозможува до 30 часа гледање видео со iPhone 17 – што е за 8 часа повеќе од iPhone 16. Ова е резултат на ефикасноста на A19 чипот. Телефонот се полни побрзо од претходно: преку USB-C полнач, за само 20 минути може да се наполни до 50%.
Повеќе простор, весели бои, уникатни додатоци
iPhone 17 пристигнува во прекрасни бои: Lavendeр, Sage, Mist Blue, White и Black. Телефоните ќе бидат достапни со 256 GB внатрешна меморија – двојно повеќе од претходните модели – како и со опција за 512 GB. Apple исто така претстави нова линија додатоци кои совршено одговараат со новите бои на телефонот. Покрај силиконските MagSafe маски, новина е и ремен направен од рециклирани материјали, кој овозможува телефонот да се носи околу вратот или преку градите.