Неодамна пишувавме како да преминете од Android на iOS, но истото прашање се поставува и кога го заменувате постариот iPhone со понов модел. Во овој случај процесот е уште поедноставен, но сепак има неколку важни чекори на кои треба да обрнете внимание за сите ваши податоци да останат зачувани. Информациите во овој водич важат и за iPadOS, па ако преминувате на нов iPad, треба да ги следите истите чекори.
Apple Watch
Корисниците на Apple Watch најпрво треба да ја прекинат врската помеѓу часовникот и стариот iPhone. Овој чекор многумина го забораваат, а е исклучително важен. За тоа, двата уреди треба да бидат на неколку метри еден од друг. На iPhone отворете ја апликацијата Apple Watch, одете во табот Мојот часовник (My Watch), а потоа изберете Сите часовници (All Watches). До часовникот што сакате да го отстраните ќе ја видите иконата „i“ во круг. Допрете ја и на дното изберете Отстрани го спарувањето со Apple Watch (Unpair Apple Watch). Ако имате GPS + Cellular модел, ќе треба да одлучите дали ќе го задржите или ќе го избришете мобилниот пакет. Вообичаено треба да го задржите, освен ако немате намера да го користите часовникот со новиот iPhone. За исклучување на Activation Lock, внесете ја лозинката за вашиот Apple ID, а потоа допрете Unpair. При прекинувањето на спарувањето, системот автоматски создава резервна копија од часовникот, па по неговото поврзување со новиот iPhone сите податоци можат повторно да се вратат.
Резервна копија
Креирањето резервна копија е најважниот чекор. Тоа можете да го направите преку iCloud, Mac или PC. Ако користите iCloud, поврзете се на Wi-Fi мрежа, одете во Поставки > [вашето име] > iCloud > iCloud Backup, а потоа изберете Back Up Now. Телефонот треба да остане поврзан на Wi-Fi до завршување на процесот. Единствен проблем може да биде недоволниот простор во iCloud, во кој случај ќе треба да преминете на поголем iCloud+ пакет. Функцијата за резервна копија може да се постави и да се извршува автоматски.

Резервната копија може да се направи и на Mac. На компјутер со macOS Catalina или понова верзија, отворете Finder, поврзете го iPhone преку USB кабел, а потоа внесете ја лозинката на телефонот или потврдете дека му верувате на компјутерот. iPhone ќе се појави во делот Locations. Ако сакате да се зачуваат и податоците за здравје и активност од iPhone или Apple Watch, задолжително означете ја опцијата Encrypt local backup, а потоа внесете лозинка што ќе ја запомните. После тоа изберете Back Up Now. Кога процесот ќе заврши, ќе се прикаже датумот и времето на последната резервна копија.

На PC ќе треба да ја инсталирате апликацијата iTunes. Потоа постапката е речиси идентична како на Mac: поврзете го iPhone преку USB кабел, внесете ја лозинката или потврдете дека му верувате на компјутерот, а потоа во интерфејсот изберете Back Up.
Важно е да знаете дека резервната копија не е само дополнителна заштита. Ако прво го продадете или предадете стариот iPhone, а дури потоа го купите новиот, без резервна копија нема да можете да ги префрлите вашите податоци.
Подгответе го Apple ID и заменете ја SIM-картичката
Откако успешно ќе направите резервна копија, може да започне вистинскиот процес на префрлување. Ќе ви бидат потребни вашиот Apple ID и лозинката. Ако не ги знаете, најпрво ресетирајте ја лозинката и обезбедете пристап до сметката. По замената или вметнувањето на SIM-картичката, можете да изберете еден од неколкуте начини за пренос.
Quick Start може да се користи само ако и стариот и новиот iPhone се кај вас. Овој метод ги користи двата уреди истовремено, па изберете момент кога нема да ви биде потребен телефонот некое време. Стариот iPhone треба да биде поврзан на Wi-Fi и да има вклучен Bluetooth. Вклучете го новиот iPhone, поставете го до стариот и следете ги упатствата што ќе се појават на екранот. Во еден момент ќе треба да изберете дали сакате да ги вратите податоците од iCloud резервната копија или директно да ги префрлите од стариот на новиот iPhone. Ако се одлучите за директен пренос, препорачливо е двата телефони да бидат поврзани на полнач, бидејќи во зависност од количината на податоци процесот може да трае и неколку часа.