Најголемите фанови на iPad: Бабите и дедовците

Apple веќе со години го презентира iPad како алтернатива на компјутер, но корисниците и натаму се скептични кон тој концепт. Сепак, постои група корисници, на кои таблетот им е дефинитивно најдобар избор: постарите лица.

Редовните следбеници на вести за Apple сигурно знаат за форумот на компанијата на Reddit. Оваа заедница, која брои речиси милион членови, многу е активна, а дневно споделуваат стотина текстови. Таму пред неколку денови почна многу интересна расправа, во која членовите ги делеа своите искуства за тоа како на своите постари родители им купиле iPad.

Се почна со објавата на корисникот evoti. Тој сподели приказна за својата баба, која никогаш немала допир со технологијата, но сега е зависна од таблетот. Имено, дотичната баба има 82 години и релативно е старомодна – evoti ја споредува со постарите руски госпоѓи. Уште повеќе, за неа беше научна фантастика да научи да го користи далечинскиот управувач, никогаш немала компјутер и немала обичај да сурфа на интернет. Токму затоа evoti бил скептичен кога неговиот татко добил идеја својата осамена мајка да ја изненади со iPad. Всушност, неговата единствена улога била купувањето на самиот уред, а тренирањето му го препушти на неговиот татко.

Почетокот не бил лесен. Бабата пробувала да го скроти уредот со прилично необични движења, а семејството во една прилика морало да дојде и да го исклучи авионскиот начин на работа, кој бабата случајно го вклучиле и повеќе не знаела да го исклучи. Меѓутоа, трудот наскоро им се исплатеше и бабата се претвори во многу жесток корисник и сега слика и објавува фотографии од својот прекрасен двор, бара рецепти на интернет, чита локални вести онлајн, а понекогаш се заигрува и со YouTube.

Поентата на приказната е дека неодамна се појави проблем со полнењето на iPad и уредот морал на поправка. Само неколку дена подоцна, бабата го повика evoti и го праша колку чини нов iPad, бидејќи не може да живее без својот уред. Така трансформацијата од конзервативна постара госпоѓа во заиграна зависничка од технологија беше целосна.

Оваа топла приказна ги допре многуте корисници на Reddit и доби преку 200.000 одговори. Многумина ги поделија и своите приказни. така една постара мајка од Кина многу брзо стана зависна од iPad, бидејќи писмото кое го користи може лесно да го употребува на таблетот на Apple

Корисникот со име trisul сподели приказна за 75-годишен член на своето семејство, кој беше уверен дека никогаш нема да научи да ја користи современата технологија, но кој денес го користи iPad како од шега. Тој, пак, бил воодушевен од фактот дека на iPad може лесно да црта и да слика, истовремено уживајќи во Bach. Друг корисник, Davepete раскажа приказна за својата мајка, која со години одбивала да седне на компјутер, бидејќи сметала дека е престара за такви работи. Меѓутоа, кога Davepete го заборавил својот iPad кај мајка му, таа брзо се спријателила со новиот уред, а денес – на возраст од 92. години – пишува мејлови, презема фотографии и редовно игра карти на својот iPad од 6. генерација.

Морам да споменам уште еден корисник, Hoopheid, кој се присети на последните неколку месеци од животот на својот зет, кој неодамна почина. Имено, господинот боледувал од мултиплекс склероза, а во последната фаза на болеста повеќе не можел ни да оди. Поради тоа, роднините му купиле iPad и тој почнал редовно да го користи за разговори за пријателите и семејството, гледање видеа на YouTube и следење на Facebook. Исто така, сопругата секогаш му честитала роденден преку iMessage за да му помогне да го зачува паметењето.

Друга корисничка пишуваше за својата мајла, која буквално полудела по технологијата, благодарение на iPad и сега редовно сурфа на интернет. Само што на големо се изненадила, кога ќерката и рекла дека не е баш вистинито се што ќе прочита на интернет…

Она што ги поврзува сите овие приказни е дека корисниците по ред го фалат iPad поради неговата едноставност. Секогаш имаме постаро лице, кое претходно не се снаоѓало во светот на технологијата, но по кратката употреба на таблетот на Apple станува активен корисник, а подоцна повеќе не може ни да го замисли животот без тој уред. Секако, тука нема ништо чудно, бидејќи таблетот има бројни функции, кои лесно се употребуваат и кои можат да им помогнат на постарите лица и да ги забават: на пример, комуникацијата со членовите на семејството и кознумација на различни содржини.

Во споредба со лаптопите, таблетот има помалку застрашувачки интерфејс, а неговиот екран и управувањето со допир се едноставни за совладување. Секако, iOS има голема улога во популарноста на таблетите на Apple, па дури и ако постарите корисници не сакаат редовно да го ажурираат системот, тој и натаму беспрекорно ќе функционира.

Да, под знак прашање е дали iPad може да замени лаптоп за корисниците на кои им е потребен уред за извршување на бизнис задачи, но таблетот е несомнено подобар избор за постарите лица. Можеби главната поука на оваа приказна е дека не смееме да исфрлиме нешто што претходно не сме го испробале. На крајот ќе ви покажам видео во кое авторот разговара со својата баба за тоа како iPad и го променил животот. Кога на крајот ја прашува да каже неколку зборови за уредот, таа заклучува дека се работи за одлично друштво.